vlada

Оглас за пријавување на интерес за ангажирање на лица на раководни позиции

ВЛАДАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА има потреба од ангажирање на компетентни и високо мотивирани кандидати за повеќе раководни позиции кои се во нејзина надлежност.

Кандидатите кои се заинтересирани и се пријавуваат за одредена позиција потребно е силно да веруваат во сопствениот капацитет, да поседуваат менаџерски способности и лидерски вештини, способност за тимска работа и да се подготвени за темелна посветеност, силен ангажман и предизвици во периодот на спроведување на значајни структурни реформи во земјата и остварување на политиките на Владата на Република Македонија.

Од кандидатите се бара да имаат повеќегодишно искуство и соодветно образование, да ги поддржуваат политиките на Владата на РМ во областа за која се пријавуваат, да ги исполнуваат законските услови за позицијата за која се пријавуваат, како и задолжително познавање на англискиот јазик. Можност за пријавување имаат сите кандидати кои своето образование го оформиле како во Република Македонија, така и во странство.

Сите пријавени кандидати имаат ЕДНАКВИ ШАНСИ да бидат примени согласно нивните способности, образование, искуство и личен капацитет, без разлика на полова, верска, партиска и национална припадност, имотна состојба и други лични околности. Ќе бидат ангажирани НАЈСПОСОБНИТЕ и НАЈСООДВЕТНИТЕ кандидати за позицијата за која се аплицира. СИТЕ пријавени кандидати кои ги исполнуваат законските услови за позицијата за која аплицираат ќе бидат повикани на интервју, дел од нив ќе бидат повикани и на тестирање и нивните податоци и препораки ќе подлежат на проверки. Интервјуата ќе бидат спроведувани во фази, согласно истекот на мандатите на позициите.

Сите кандидати кои се актуелни раководни лица на позициите кои се објавуваат во овој оглас и мандатот им истекува во 2014 година, раководни лица со истечен мандат или в.д. раководни лица на позициите за кои се објавува овој оглас имаат право и можност повторно да се пријават за позициите кои досега ги извршуваат. Истите лица имаат можност повторно да бидат избрани од страна на Владата на РМ врз основа на условите објавени во овој оглас. Сепак, Владата на РМ тоа го смета како можност, но не и како обврска.

Ваквиот оглас за пројавување на интерес не е законска обврска на Владата на Република Македонија, но со цел да се даде шанса на што поголем број на способни луѓе, Владата се одлучи на ваков чекор.

Секој обид за лично лобирање и ургенција од страна на кандидатите ќе се смета како слабост и неверување во сопствените капацитети и ќе влијае негативно во формирањето на финалната оцена за кандидатот.

Повеќе информации на следниот линк: vlada.mk