vrabotuvanje-na-invalidizirani-lica

Компаниите неинформирани за можностите за вработување лица со попреченост

Поголемиот дел од компаниите не се свесни за потенцијалите за вработување на лицата со попреченост и не се информирани за бенефициите кои ги нуди Законот за вработување инвалидни лица.

Тоа го изјави Никица Кусиникова, извршен директор на здружението Конект, презентирајќи ги резултатите од истражувањето за вработување на лицата со попреченост во приватниот сектор, спроведено од здружението Конект.

Истражувањето, нагласи Кусиникова, покажа и дека постојат можности за зголемено учество на лицата со попреченост како активна работна сила во приватниот сектор. – Првиот чекор кој треба да се преземе е фокусиран и координиран пристап на институциите и граѓанските организации за информирање на бизнис заедницата и подигнување на јавната свест за способностите на лицата со попреченост, рече Кусиникова.

Лидија Дамческа, проектен менаџер на Проектот на УСАИД за практикантска работа и вработување на лица со попреченост, информира дека проектот се залага за обезбедување еднакви можности за лицата со попреченост, како и за сите останати лица. – Со ова истражување добивме релевантни информации за предизвиците и пречките со кои се соочуваат компаниите при процесот на вработување на лицата со попреченост за соодветно да ги насочиме нашите идни активности, изјави Дамческа.

Проектот на УСАИД за практикантска работа и вработување лица со попреченост ја поддржува имплементацијата на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост во Македонија. Наменет е за лицата со попреченост од полошкиот, скопскиот и северо-источниот регион од Македонија и е имплементиран од „Моја кариера” во Скопје, во партнерство со „Хендимак” во Тетово и „Порака наша” во Куманово. Досега, преку Проектот, се обучени 239 лица со попреченост на тема “Стратегии за барање работа”, 14 лица ја посетија дводневната обука за претприемништво, 130 претставници од различни компании и институции се обучени за менторско водење на лица со попреченост, а вработени се 61 лице со попреченост.

Избор: media.mk