fondacija-ilija-kamcev-press

Фондацијата „Илија Камчев“ покренува проект за вработување на 30 самохрани мајки

Фондацијата „Илија Kамчев” го најави почетокот едукативен проект за преквалификација и доквалификација на самохрани и мајки од социјално загрозени семејства.

Kристина Kамчева Стојческа, проектен директор во фондацијата изјави дека главна цел на проектот е долгорочно невработените жени да се интегрираат на пазарот на трудот преку зголемување на нивната способност, вештини и знаење.

„Пазарот на трудот во Македонија се карактеризира со висока стапка на долгорочно невработени граѓани, што е директен резултат на недостиг од соодветни вештини. Со цел, дел од овие граѓани да се интегрира на пазарот на трудот, фондацијата „Илија Kамчев“ го најавува овој проект. Тој ќе биде составен од две компоненти и во времетраење од една година. Со првата компонента ќе се овозможат предуслови за спроведување обука, преквалификација и доквалификација на 30 долгорочно невработени самохрани или мајки од социјално загрозени семејства од сите етнички заедници во период од 3 до 6 месеци, со цел да се зајакне капацитетот на жените во процесот на барање работа. А преку втората компонента, која ќе овозможи практична обука, на пријавените жени ќе им биде овозможено стручно оспособување во период од 3 до 6 месеци во компании со кои Фондацијата ќе склучи договор за соработка“, рече Камчева.

Успешните учеснички на обуките ќе добијат можност да останат во постојан работен однос во компаниите каде што посетувале практична обука, а таа ќе биде порта кон креирање на работното искуство и потенцијални финансиски приходи, нивно осамостојување и независност.

Апликацијата ќе биде поставена на веб-страницата на фондацијата и објавена во медиумите и преку социјалните центри.

Извор: МКД.мк